Аларм во М-НАВ: скопскиот аеродром без радарска поддршка во критичните фази од летот
22/09/2025 7:56
Воздушниот сообраќај над Македонија се соочува со сериозни предизвици поради ограничено радарско покривање во терминалната зона на Скопје (Skopje TMA). Според информации од воздухопловни извори, хоризонталната радарска сепарација изнесува 10 наутички милји – двојно повеќе од европските стандарди за терминални зони.
Дополнителни тешкотии се јавуваат поради нефункционалноста на средниот надзорен радар на Бањски Рид, што го намалува капацитетот за следење на летовите и ги принудува контролорите почесто да применуваат резервни процедури.
Најголем проблем, сепак, претставува тоа што под 9.500 стапки (околу 2.900 метри) воопшто нема радарско покривање. Во такви услови контролата на летање е принудена да користи процедурска наместо радарска контрола, што значи поголеми временски и просторни растојанија меѓу авионите. Последиците се неминовни задржувања и доцнења при пристигнувањата и полетувањата од аеродромот „Александар Велики“.

Воздухопловни експерти предупредуваат дека ваквата состојба го намалува капацитетот на сообраќајот, а воедно ја зголемува одговорноста и стресот во работата на контролорите на летање.
Проблемите дополнително се влошија откако, според „Сакам да кажам“, вчера се расипал и единствениот исправен радар на скопскиот аеродром, кој се наоѓал во близина на Контролната кула. Со тоа, контролорите моментално немаат можност да ги следат леталата на мала висина – токму во најчувствителните фази од летот: при полетување и слетување.






