MKinformer

your daily dose of news

Драматичен пад на Галичица: Германски параглајдерист излетал од височина, спасувачите реагираа брзо

25/09/2025 11:50


Во синоќешниот вечерен период, екипа на Планинската спасителна служба од Охрид доби повик за сериозна несреќа на падините на Галичица: германски параглајдерист доживеа пад од голема височина на недостапен карпест терен.

Според извештајот, повикот бил примен околу 18:30 часот од група параглајдеристи кои виделе што се случило. Тројца спасители од станицата „Спиридон“ веднаш се упатиле кон местото на несреќата и пристигнале за само 15 минути, подготвени со специјализирана опрема.

Интервенцијата се покажала како комплексна: морало да се изврши имобилизација на повредениот и транспорт низ тежок и стрмен терен во ноќни услови.

„По повеќе од еден час напорна интервенција, во 20:20 часот, повредениот беше безбедно спуштен до асфалтниот пат кај превојот Баба, каде беше предаден на екипа на Итната медицинска помош од Охрид. Од таму, тој веднаш беше пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде, за жал, му беа констатирани фрактури на пет пршлени во долниот дел на рбетот“, информираат од Планинската спасителна служба.

Од Планинската служба повторно упатија апел до сите љубители на авантуристички спортови да ги почитуваат безбедносните протоколи, особено на планините како Галичица, каде ризикот од несреќи е значително поголем.

error: Содржината е заштитена од копирање !!