MKinformer

your daily dose of news

Силјановска-Давкова во Њујорк: Македонската младина е изморена од чекањето за европска иднина

29/09/2025 16:50

Претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, се обрати на пленарната сесија посветена на младите, одржана во Њујорк во рамки на Генералното собрание на Обединетите нации, на 30-годишнината од Светската програма за млади.

Во своето обраќање, таа потенцираше дека младите се клучни за напредокот на секоја земја и не смее да се занемаруваат. Потсетувајќи на историски примери како студентските протести во Париз во 1968 година, Прашката пролет, протестите против војната во Виетнам и падот на Берлинскиот ѕид, Силјановска-Давкова истакна дека младите секогаш биле двигатели на промени и прогрес.

Таа посочи дека многу македонски млади се уморни од долго чекање за европска иднина и дека голем дел од нив ја напуштаат земјата во потрага по подобри можности. Претседателката нагласи дека нивното учество не смее да биде само формално, туку суштинско, со активно вклучување во процесите на одлучување.

Силјановска-Давкова предложи младите да бидат вклучени во реформите на Обединетите нации на сите нивоа, да имаат постојани места во националните делегации, формални советодавни тела и улоги во клучни области како реформата на Советот за безбедност, мироизградбата и дигиталното управување.

Таа исто така нагласи значај на меѓугенерациското партнерство и активна улога на младите како етички компас, со цел да се обезбеди отчетност и избегнување на празни ветувања.

error: Содржината е заштитена од копирање !!