Како Mицкоски го скара ВМРО-ДПМНЕ со македонските иселеници?
26/11/2025 22:53
СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС
ЗА НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА, НО ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ
26 ноември 2025 година, Скопје, Македонија – Светскиот Македонски Конгрес (СМК) изразува резерва кон владината петгодишната предлог-Национална стратегија за соработка со дијаспората 2025-2030 година, претставена на денешната јавна дебата во Македонската Влада, во чија подготовка во ниту една фаза не беше вклучен Светскиот Македонски Конгрес како единствена најстара македонска меѓународна невладина организација формирана во 1899 година во Женева, Швајцарија, која претставува неформален светски парламент на Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината.
СМК смета дека на државата Македонија и’ е потребна Национална стратегија за Македонците во светот!
СМК и натаму со индигнација ја отфрла флоскулата “дијаспора” како рецидив на едно трајно минато свршено време, посебно имајќи предвид дека таа во Уставот е вметната со амандманот XXXVI на членот 49 донесен на седница на Собранието одржана на 11 јануари 2019 година, со која се избриша грижата на Републиката за “положбата и правата на припадниците на Македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија” поради усогласувањето на Уставот со Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година за промена на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ, со што ексклузивното право врз културата и историјата на Македонија и Македонскиот народ марионетската влада на Зоран Заев го пренесе на Хеленската Република.
Истовремено, СМК со жалење констатира дека во сите устави на државата Македонија од 1944 година постоеше уставна гаранција за грижа на Македонија за деловите на Македонскиот народ во соседните држави, но со уставниот амандман IV на преамбулата донесен на седница на Собранието одржана на 16 ноември 2001 година, се внесоа “делот од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, а со амандманот XXXVI на членот 49 донесен на седница на Собранието одржана на 11 јануари 2019 година е избришана грижата на државата Македонија за деловите на Македонскиот народ во соседните држави на државата Македонија. А, иронијата да биде поголема, доколку актуелната власт ги впише бугарите во преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, државата Македонија ќе треба да се грижи за “дијаспората на дел од бугарскиот народ” во државата Македонија. И уште позагрижувачкото, бидејќи Бугарија е матична држава на бугарскиот народ, а за Софија Македонците се бугари, тогаш Македонците во државата Македонија и светот ќе (о)станат дел од бугарскиот народ чија матична држава е Бугарија! Денационализацијата и асимилација на Македонскиот народ ќе се институционализираат во државата Македонија чии институции ќе ги обвинуваат и затвораат сите кои нема да ја прифаќаат оваа вистина.
За СМК флоскулата “дијаспора” не постои, единствено постојат Македонци во светот и Македонски свет како систем на културни вредности на македонската цивилизација!
СМК ќе продолжи конзистентно да ги остварува своите цели и задачи: духовно, културно и економско обединување на Македонците во светот; заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континутиет, наследство и простор; заштита и афирмација на човековите и граѓанските права и слободи; развој на демократијата; и афирмација на целите и задачите на Организацијата на Обединетите Нации.
СМК ќе ги продолжи односите со македонските заедници и здруженија во светот заради взаемна соработка, координација и размена на искуства и информации, а врз основа на тоа ќе ги оценува политиките на Македонската Влада и ќе ги гради односите со институциите на власта на државата Македонија.
СМК жали – за партнери од цивилниот сектор, Македонската влада прифати здруженија во земјата и светот кои беа дел од “шарената револуција” во 2016 година за рушење на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.






