RASFF алармира: Македонски пиперки со забранет пестицид во Хрватска
07/10/2025 7:46
Европскиот систем за брзо предупредување за храна и добиточна храна (RASFF) ја алармираше Хрватска за присуство на македонски црвени пиперки на пазарот во кои се пронајдени нелегални количини на пестицидот метомил.
Според системот, ризикот е оценет како сериозен, поради што хрватските власти преземаат мерки за повлекување на контаминираниот зеленчук од продажба.
Во земените примероци било откриено 0,049 мг/кг (ppm) метомил, додека максимално дозволената концентрација изнесува само 0,01 мг/кг (ppm).
Метомил е карбаматен инсектицид, воведен во 1966 година, познат по својата висока токсичност за луѓето, добитокот и дивиот свет. Дури и во мали количини може да предизвика сериозни здравствени последици, особено при долготрајна изложеност.
Според информациите објавени од Дневно.хр, примерокот бил земен на 23 септември, а Хрватска била официјално информирана на 3 октомври преку европскиот систем за известување.
Очекувањата се дека македонските надлежни институции ќе спроведат контроли и верификација на извозните серии, со цел да се спречи понатамошен извоз на контаминирани производи и да се заштити угледот на македонските производители на пиперки.
Случајот повторно го отвора прашањето за усогласеноста на земјоделските практики со европските стандарди и потребата од построга контрола при употребата на пестициди во земјоделството.






