ОРБАН НАРЕДИ ИСТРАГА ЗА ПОЖАРОТ ВО РАФИНЕРИЈАТА НА МОЛ КАЈ БУДИМПЕШТА
21/10/2025 11:41
Унгарскиот премиер Виктор Орбан нареди итна истрага за пожарот и експлозијата што синоќа избувнаа во рафинеријата на компанијата МОЛ во градот Шаломбата, недалеку од Будимпешта.
Пожарот, кој започнал во дел од фабриката за преработка на суровини, бил локализиран во утринските часови, а во инцидентот, според властите, нема повредени лица. Очевидци изјавиле дека пламен и густ чад биле видливи на повеќе километри оддалеченост.
„Снабдувањето со гориво на Унгарија е стабилно и безбедно. Ќе се спроведе детална истрага за причините на пожарот во рафинеријата Шаломбата“, изјави Орбан преку социјалните мрежи, додавајќи дека имал консултации со раководството на МОЛ и со министерот за внатрешни работи.
На местото на настанот најпрво интервенирале противпожарните служби на рафинеријата, а подоцна им се придружиле професионални екипи од неколку околни градови. Во гаснењето учествувале вкупно 17 противпожарни единици, со поддршка од внатрешната служба за заштита од пожари на МОЛ.
Дополнително, биле испратени и мобилни лаборатории за итни интервенции, како и контејнери со хемиски средства и пена за гаснење. Според последните информации, пожарот е ставен под контрола, а работите на ладење на постројката и натаму продолжуваат.





