Брза реакција на општинските служби во Центар, отстранети паднатите дрвја кај училиштето „Киро Глигоров“
28/10/2025 11:51
Интензивните врнежи од дожд во изминатите денови предизвикаа повеќе проблеми низ Скопје, особено во сообраќајот и зелените површини. Во близина на основното училиште „Киро Глигоров“ во центарот на градот вчера паднаа две дрвја, но благодарение на навремената реакција на општинските служби, ситуацијата брзо беше ставена под контрола.
Од Општина Центар информираа дека екипите на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и ЈП „Паркови и зеленило“ веднаш излегле на терен и ги отстраниле паднатите дрвја, овозможувајќи улицата повторно да биде безбедна и проодна.
„Со брза и координирана интервенција, просторот е расчистен и сообраќајот нормализиран“, соопштија од општината, изразувајќи благодарност до јавните претпријатија за ефикасната реакција.
Според метеоролошките најави, во текот на денот се очекуваат повремени врнежи од дожд и во скопскиот регион.






