MKinformer

your daily dose of news

Дете од четврто одделение со нож во училница во ООУ „Киро Глигоров“: Родителите бараат итни мерки, училиштето тврди дека постапило законски

27/02/2026 12:22

Сериозна загриженост владее меѓу родителите на ученици во ООУ „Киро Глигоров“ во општина Центар, по инцидент во кој ученик од четврто одделение извадил нож од ранец за време на настава.

Настанот се случил на 9 февруари 2026 година, а според сведоштва на родители, благодарение на навремената реакција на наставничката бил спречен посериозен инцидент. Дел од родителите тврдат дека ова не е изолиран случај и дека ученикот и претходно покажувал агресивно однесување, вклучително и напади со ножици и физички инциденти со соученици, меѓу кои и дете со посебни потреби.

По инцидентот, била контактирана мајката на ученикот, која дала писмена изјава дека ножот по грешка го ставила во ранецот при подготовка на појадокот. Родителите на останатите ученици, сепак, велат дека ваквото објаснување не ги смирува и дека се потребни поодлучни и системски мерки.

Во заеднички писмен став, група родители наведуваат дека четири години алармираат за проблеми во однесувањето на ученикот и дека децата сè почесто изразуваат страв и одбивање да одат на настава. Тие обвинуваат дека инцидентите се минимизираат наместо транспарентно и одговорно да се решаваат.

Од училиштето, чија директорка е Билјана Билбиловска, за медиумите изјавија дека веднаш постапиле согласно законските прописи. Ученикот бил изведен од паралелката, случајот бил пријавен кај надлежните институции, а бил изготвен и писмен план за поддршка кој предвидува индивидуална работа со психолог и специјален едукатор, засилена опсервација и работа со одделението на социјални вештини.

Во училиштето извршиле увид и претставници од Државниот просветен инспекторат и Бирото за развој на образованието, при што, според директорката, било констатирано дека училиштето постапило согласно законските акти и интерните правилници. Од таму посочуваат дека не било утврдено заканувачко однесување или намера за повредување.

Со случајот е запознаена и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која изјави дека Државниот просветен инспекторат постапува и дека ќе се разгледаат сите наводи, вклучително и евентуалните пропусти. Таа нагласи дека доколку се утврди потреба, можно е да се направи функционална проценка и да се разгледаат дополнителни образовни и поддржувачки мерки за ученикот.

Додека институциите ја продолжуваат постапката, родителите бараат итна и транспарентна реакција, нагласувајќи дека безбедноста на учениците мора да биде врвен приоритет.

error: Содржината е заштитена од копирање !!