⚖️Врховниот суд на Косово ја потврди забраната за шамии во јавните училишта
03/11/2025 21:57
Врховниот суд на Косово ја потврди одлуката со која се забранува носењето шамии во јавните училишта, утврдувајќи дека мерката е во согласност со кодексот за облекување пропишан од Министерството за образование, наука, технологија и иновации, објави 4NEWS.mk.
Со оваа одлука, судот ја отфрли тужбата на организацијата Арита – Мрежа за професионален развој на жени, која тврдеше дека забраната претставува форма на дискриминација и ги нарушува основните права на ученичките муслиманки.
Според Арита, во изминатите четири години многу девојки биле исклучени од настава поради носење шамии.
🏫 Судот: Министерството има законско право да го уреди кодексот
Во образложението, Врховниот суд наведе дека Министерството за образование има законско право да утврди правила за облекување во согласност со законите за предуниверзитетско и стручно образование.
Забраната за шамии предизвикува контроверзии во Косово со години, иако над 90 проценти од населението се муслимани. Темата за првпат стана предмет на јавна дебата во 2010 година, кога беа воведени упатства што забрануваат таканаречени „религиозни униформи“.
Тогаш, Исламската заедница на Косово реагираше дека шамијата не е униформа, туку дел од верската обврска и идентитет на муслиманките.
🔍 Контекст и реакции
Одлуката на Врховниот суд повторно го отвори прашањето за границата меѓу секуларноста и верската слобода во јавниот образовен систем на Косово. Граѓанските организации најавија дека ќе продолжат со правни и јавни иницијативи за укинување на забраната.






