Финансиската полиција поднесе кривична пријава против Блерим Беџети и седум лица од Општина Сарај и Град Скопје
13/11/2025 12:15
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против осум лица, меѓу кои поранешни функционери и административни службеници од Општина Сарај и Град Скопје, како и еден надзорен инженер. Тие се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување или уништување на деловни книги.
Според Финансиската полиција, постојат сомневања дека дел од вработените во Општина Сарај, иако биле свесни дека за катастарската парцела КП 10405/6 КО Сарај не постои детален урбанистички план, незаконски изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина. Тие, исто така, изготвиле пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште спротивно на законските прописи.
Надзорниот инженер, пак, извршил технички преглед на објектот и изготвил завршен извештај со невистинита содржина.
„Со ваквото постапување, пријавените, злоупотребувајќи ја својата функција, му овозможиле на правниот субјект „Азра Идриз“ ДООЕЛ од село Глумово да се стекне со противправна имотна корист во износ од 108.638.840 денари“, стои во соопштението на Финансиската полиција.
Меѓу пријавените се поранешниот градоначалник Блерим Беџети, екс-секретарите на Општина Сарај С.Ш. и Ќ.К., раководителите на секторот за урбанизам А.С. и Ќ.А., помладиот соработник А.Ш., раководителот на секторот за планирање и уредување на просторот во Град Скопје И.Б.Ш., како и надзорниот инженер Љ.Т.





