СКОПЈЕ ИМА НОВИ ЛИДЕРИ ВО БЕТОНИЗАЦИЈА, КАРПОШ НЕ Е НИ ВО ПРВИТЕ ПЕТ
14/05/2025 17:45
Цената на становите во Скопје постојано расте, јавноста постојано се бранува поради интензивни градежни активности во нивните маала и населби, но интересот за купување на станови речиси и да не стивнува.
Интересот за градење е голем и кај инвеститорите, но и кај градоначалниците,особено ако се земе во предвид што комуналиите и дозволите за градба и понатаму се на пиедесталот за приходи на една општина.
Редакцијата на МК Информер презема податоци од Државниот завод за статистика за издадени дозволи за градби по општини на ниво на Град Скопје од чии приложени бројки дојдовме до следните податоци за изминатата година.
Сакајќи да го поедноставиме приказот во нашата анализа ги поделивме издадените дозволи за градба во изминатата година за период од март 2024 година па се до јануари 2025 година.
Додека ги пребарувавме податоците на веб страна на Државниот заводот за статистика приметивме дека последниот извештај за издадени дозволи е објавен во март месец 2025 година, а истиот се однесува на јануари 2025 година. Оттука па натаму заводот за статистика има изработено нов веб сајт каде продолжил да ги објавува овие податоци, но за разлика од претходно, последниот извештај за издадени дозволи за градба го нема приказот според кој се гледа која општина во Град Скопје, колку дозволи за градба има издадено. Во новиот последен извештај на новиот веб сајт на Завод за Статистика стои само бројот на станови и вкупниот број на дозволи за градба.
Зашто и поради кои причини заводот за статистика ја променил својата методологија на прикажување можеби ќе ја најдеме во нашата анализа.

За почеток, според гореизложените бројки повеќе од јасно е дека Општина Кисела Вода и градночалникот Орце Ѓоргиевски не ги споделуваат податоците со Државниот завод за статистика, ова со одговорност можеме да го кажеме затоа што бројката на издадени дозволи за прикажаниот период во табелата не соодветствува со фактичката состојба на терен во Општина Кисела Вода. Во базата на заводот за статистика стои дека на територија на општина Кисела Вода се издадени само 4 дозволи за градба во изминатата година.
Општина Ѓорче Петров издала 58 дозволи за градба од кои дури 57 во март 2024 година, а во октомври 2024 година е издадена една дозвола. Од овој број на дозволи за градба во Општина Ѓорче Петров има и дозволи за градба на објекти за индивуално домовуање како и доградби.
Иако долго време Општина Карпош и градоначалникот Стевчо Јакимовски се во фокусот на вниманието како општина во која најмногу се гради или народно кажано „бетонизира“, според официјалните податоци Карпош не е ни во првите пет општини по бројот на издадени дозволи за градба. Дополнително, дури 30 посто од дозволите кои Општина Карпош ги издала во изминатата година се за објекти за индивидуално домување.
Во продолжение според податоците ќе се позанимаваме со лидерите во „бетонизација“ за 2024 година, а тоа се општина Центар, Гази Баба и секако Аеродром.
Општина Аеродром и нејзините два градоначалници, Тимчо Муцунски и неговиот наследник ВД, Дејан Митески имаат издадено 46 дозволи за градба. Во овој број на одобренија на градба нема ниту една дозвола за објект за индивидуално домување или доградба. Значи станува збор исклучиво за згради висококатници.
Општина Гази Баба е новата „бетоњерка“ на Скопје со 78 дозволи за градба од кои исто така ниту една не е за објект за индивидуално домување, а од оние кои се запишани како доградба, според квадратурата која е заведена станува збор за доградба на цели спратови на згради во населбата Автокоманда.
Традиционалниот лидер во издавање дозволи за градба останува Општина Центар, а бројот на издадени 91 дозвола за градба исто така е од мешовит состав. Во овој број на дозволи околу 20% се за објекти на индивидуално домуавање и доградба.
На ова ќе го додадеме и последното соопштение на Државниот завод за статистика кој за жал не е поделен по општини, но ни навестува дека во Скопје и општините ќе никнат нови 185 згради висококатници.
Во март 2025 година се издадени 334 одобренија за градење, што е за 4.0 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година. Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 20 153 302 илјади денари, што е за 244.2 % повеќе во однос на истиот месец лани, соопшти Државниот завод за статистика.
Зголемената предвидена вредност се должи на фактот дека во референтниот период е издадено одобрение за изградба на станица за пречистување отпадни води за Град Скопје, кое е со голема вредност.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 185 (55.4 %) се наменети за објекти од високоградба, 64 (19.2 %) за објекти од нискоградба и 85 (25.4 %) за објекти за реконструкција.
Дијана Трифуновска
