Наместо одговорност, нова партиска пресметка околу трагедиите во Македонија
24/11/2025 16:54
Во Собранието денеска повторно се отвори прашањето за анкетните комисии, но наместо јасен институционален одговор за серијата трагедии што ја потресоа државата, јавноста доби уште една политичка пресметка во која доминираат блокади, спротивставени предлози и меѓусебни обвинувања.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, соопшти дека иницијативата на СДСМ и Левица за формирање анкетна комисија за пожарот во Кочани е вратена на доработка, затоа што барале мнозинство и претседателско место, спротивно на член 124 од Деловникот. Според него, опозицијата бара структури кои не се дозволени, па затоа предлогот е неуреден.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ заедно со Вреди и ЗНАМ поднесоа сопствена иницијатива, далеку поширока, со која бараат да се испитаат не само случајот Кочани, туку и трагедиите во Тетово, Ласкарци и Бугарија. Тврдат дека оваа комисија е единствената „деловничка и легитимна“, потсетувајќи дека зад неа стојат 77 пратеници.
Пратеникот Бојан Стојаноски порача дека целта е да се утврди вистинска одговорност, а не политизација. Според иницијативата, комисијата ќе брои 15 членови, ќе работи најмногу 45 дена и ќе подготви извештај што ќе се достави до Владата и Обвинителството.
Но јавноста веќе гледа нешто друг, но уште една политичка надмудрување во која институциите играат на формалности, а не на суштина. Наместо фокус на одговорноста, партиите влегуваат во натпревар кој предлог е „повеќе во согласност со Деловникот“.
Граѓаните, кои со години чекаат одговори за трагедиите, со право се прашуваат: зарем повторно ќе гледаме политичка игра без резултат? И дали навистина е проблем кој ќе има мнозинство во комисијата, а не тоа што државата не успеа да спречи серија кобни настани?
И додека Гаши најавува дека измените на Кривичниот законик и изборот на Народен правобранител зависат од партиските договори, Собранието го одложува она што е најважно, обезбедување правда и гаранција дека трагедиите нема да се повторат.
Следната седница се очекува на почетокот на декември, но останува впечатокот дека институциите повторно доцнат зад потребите на јавноста.






