„Дрво на пријателството“: Засадени 550 дрвја низ регионот, 100 во Скопски Аеродром
27/11/2025 9:15
Со садење 550 дрвја во 11 градови низ регионот, меѓу кои 100 во Скопје, денеска ќе се одржи шестата акција „Дрво на пријателството“, организирана од Европскиот фонд за Балканот во соработка со локални партнери. Целта на иницијативата е поттикнување регионална солидарност и подигнување на свеста за последиците од аерозагадувањето.
Во Скопје, дрвјата ќе бидат засадени во парк во општина Аеродром.
Акцијата низ годините прерасна во симбол на заедништво и заедничка грижа за животната средина. Стотици волонтери се вклучуваа во синхронизираните активности што истовремено се организираа не само во главните градови, туку и во помали населени места како Бор, Сремски Карловци, Ѓаковица, Пеќ, Смедерево, Косијериќ, Зеница, Тузла и Камза. Досега, во рамки на иницијативата се засадени 2.700 дрвја во 15 градови во шест земји, со поддршка од 20 локални партнери.
Горјан Јовановски, креаторот на апликацијата „МојВоздух“ и локален партнер на акцијата, посочува дека аерозагадувањето останува еден од најголемите предизвици за регионот.
„Аерозагадувањето сериозно влијае врз здравјето и квалитетот на живот на граѓаните. Скопје секоја година има се помалку зеленило и прераснува во бетонска џунгла, затоа не ја пропуштаме секоја шанса да додадеме барем малку зеленило во белите дробови на нашиот главен град“, изјави Јовановски.
Тој нагласи дека целта на иницијативата останува непроменета, преку индивидуална одговорност и поголема информираност за аерозагадувањето и климатските промени, граѓаните можат да придонесат кон позитивни промени и на локално и на регионално ниво.






