Аце Циганот ослободен од судот во Солун: Му застарело кривичното дело убиство
27/11/2025 18:03
Аце Боцевски, познат во јавноста како Аце Циганот, после речиси три децении бегство од македонското правосудство, нема да биде екстрадиран во земјата. Солунскиот суд донесе одлука дека случајот е застарен и ја укина мерката притвор, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.
Боцевски, денес 60-годишен, беше уапсен во мај оваа година во Катерини, каде што живеел долги години под друго име и водел приватен бизнис за изнајмување соби. Тој беше осуден на 15 години затвор за убиството на 37-годишниот Сеат Ибраими во ноември 1997 година. Според обвинението, Боцевски предизвикал сообраќајна несреќа, а кога Ибраими излегол да ја провери штетата, бил застрелан.
Иако судењето се одржало една година подоцна, Боцевски избегал пред да ја издржи казната. Во Грција тврдеше дека бегството било поради политички притисоци и дека во тоа време служел како обезбедување на претседателот Киро Глигоров.
Неговите адвокатите пред судот истакнале дека тој „бегал за да го спаси својот живот“, додека обвинетиот тврдеше дека казната му била изречена под сомнителни околности.
Грчките судии го одбија барањето за екстрадиција од македонските власти со образложение дека од изрекување на казната поминале повеќе од 20 години, поради што – според нивното законодавство – делото е застарено. Со оваа одлука, Боцевски е ослободен од притвор и може слободно да се движи на територијата на Грција.






