MKinformer

your daily dose of news

Македонија и Бугарија повторно со заладени односи – се размислува за нов протокол како излез од ќор-сокакот

29/11/2025 10:34

По локалните избори, властите во Скопје заедно со европските партнери интензивно работат на обновување на довербата и воспоставување дијалог со Софија – процес што се смета за клучен за надминување на билатералниот спор и за деблокирање на евроинтеграциите. Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, истакна дека во оваа фаза не се подготвува конкретно решение, но дека се создава основа за можни нови чекори, меѓу кои се споменува и идејата за трет протокол со Бугарија.

Според Муртезани, без обновена доверба и редовен дијалог не може да се зборува за конкретни мерки, вклучително и за уставните измени – обврска која Македонија веќе ја презеде во рамките на европскиот процес. Тој нагласи дека институциите не можат да започнат формална постапка додека не бидат адресирани сите отворени прашања со Софија.

Американската амбасадорка Анџела Агелер деновиве изјави дека е убедена оти работата на уставните измени продолжува, иако призна дека процесот е сложен.

Како можен излез, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова предложи усогласување на трет протокол со Бугарија, во кој јасно би се дефинирало дека историските и идентитетските прашања не смеат да бидат услов за европскиот пат.

Подсетуваме дека компромисот од 2022 година, со посредство на ЕУ, доведе до отворање на преговорите, но и до обврската во Уставот да се внесе бугарската заедница. За возврат, македонскиот јазик беше прифатен без фусноти во европските документи, додека Бугарија поднесе своја еднострана декларација.

Билатералниот протокол потпишан од тогашните министри за надворешни работи, Османи и Генчовска, стана предмет на политички спорови и дури заврши пред Уставниот суд, кој сè уште не донел конечна одлука. Исходот од овој случај ќе има сериозно влијание врз идните односи со Бугарија и врз европската перспектива на земјата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!