Илија Панов осуден на 16 години затвор за бруталното убиство на Сузана
02/12/2025 14:38
Илија Панов, познат под прекарот Јапан, денеска доби казна затвор од 16 години за убиството на неговата вонбрачна партнерка Сузана, случај кој силно ја потресе македонската јавност и повторно ја актуелизираше темата за фемицидот и недоволната заштита на жртвите.
Злосторството се случило меѓу 20 и 22 јануари годинава во Кавадарци. Телото на 49-годишната Сузана било пронајдено на 22 јануари во нејзиниот дом на улицата „Ѓуро Салај“, во спална соба во која, според истражителите, имало траги на жестока пресметка.
Трагедијата ја открила нејзината ќерка, која по повеќе неуспешни обиди да стапи во контакт со мајка си, дошла во станот и ја затекнала ужасната сцена што го шокирала целиот град.
Кавадарчани раскажуваат дека Сузана со години се соочувала со социјални и здравствени проблеми, додека Панов бил познат по зависност и проблематично однесување.
Обвинителството утврди дека Панов, во момент на семејно насилство, ѝ го затворил носот и устата, предизвикувајќи механичко задушување. ДНК траги пронајдени под ноктите на жртвата директно го поврзале со делото. Тој се обидел да создаде алиби, но истрагата утврдила дека неговите искази биле лажни.
Иако законот овозможува и доживотен затвор за вакво кривично дело, судот денеска изрече 16-годишна казна затвор.
Случајот предизвика нов бран реакции во јавноста и ја отвори дебатата за системските пропусти во спречувањето на семејното насилство, како и за неопходноста од поефективна заштита на ранливите жени во Македонија.






