MKinformer

your daily dose of news

Анкетна комисија ќе има, но освен за „Пулс“ во Кочани ќе заседава и за трагедиите кај Ласкарци, модуларната во Тетово и „Беса Транс“

03/12/2025 22:55

Со 84 гласа „за“, без ниту еден „против“ или „воздржан“, Собранието на 3 декември донесе одлука за формирање Анкетна комисија која ќе ги истражи околностите и постапувањето на институциите во повеќе големи трагедии што ја потресоа Северна Македонија.

Комисијата ќе ги опфати следните случаи:

  • пожарот во Модуларната болница во Тетово,

  • трагичниот настан во Кочани,

  • автобуската несреќа на „Беса Транс“,

  • сообраќајката кај Ласкарци.

Иницијативата беше поднесена од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ. Одделното барање на СДСМ, Левица и ДУИ за формирање посебна комисија исклучиво за трагедијата во Кочани доби поддршка од само 28 пратеници и не беше усвоено.

Пратеникот Антонијо Милошоски (ВМРО-ДПМНЕ) истакна дека целта е да се утврдат институционалните пропусти во четирите случаи, каде животите ги загубија 138 луѓе. Тој порача дека добиените наоди ќе бидат испратени до Владата и Јавното обвинителство за евентуално утврдување политичка и кривична одговорност, повикувајќи на неселективен пристап и поддршка од сите политички субјекти.

Од друга страна, Оливер Спасовски (СДСМ) го образложи барањето за посебна Анкетна комисија само за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, наведувајќи дека таквата иницијатива доаѓа директно од родителите на загинатите.

На седницата беше изгласан и огласот за избор на претседател, потпретседател и членови на Државната изборна комисија (ДИК), како и повеќе законски измени – меѓу кои промените во законите за правата на заедниците под 20%, за аудиовизуелни услуги, за ДДВ и за претворање јавни давачки во траен влог во ЈП за спортски објекти. Пратениците ја усвоија и Среднорочната програма за стоковни резерви 2026–2030.

error: Содржината е заштитена од копирање !!