Судии и обвинители протестираа во Белград против политички притисоци врз правосудството
08/12/2025 13:44
Судии, обвинители и адвокати од различни делови на Србија вчера излегоа на протест пред Уставниот суд и Правниот факултет во Белград, предупредувајќи на, како што посочуваат, растечки политички притисоци врз правосудниот систем.
Причината за денешниот собир е одбивањето обвинител од Првото основно јавно обвинителство да изврши увид во инцидент што се случил во шаторското камп-место „Ќациленд“, поставено пред парламентот, каде што престојуваат поддржувачи на актуелната власт.
Како дополнителен мотив за протестот се наведуваат и најавените измени на Законот за Обвинителството за организиран криминал, со кои тоа обвинителство би се интегрирало во рамките на Вишото јавно обвинителство.
Учесниците на протестот предупредуваат дека ваквиот модел ќе доведе до губење на автономијата и независноста на обвинителството што се занимава со организиран криминал и корупција. Според нив, тоа е јасен сигнал дека институционалната борба против мафијата и коруптивните мрежи е ставена во втор план.
Протестот заврши пред Правниот факултет со симболичен 16-минутен молк, посветен на жртвите кои го загубија животот по падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад.






