MKinformer

your daily dose of news

Вучиќ: За година и пол ќе се соочиме со голема војна

09/12/2025 21:22

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија сè уште нема никакви информации од Москва во врска со идната испорака на природен плин, пренесува „blic.rs“.

Говорејќи на форумот BELTALKS, посветен на европската соработка и конкурентност, Вучиќ оцени дека меѓународната политика влегува во фаза на целосна непредвидливост и губење на рационалноста.

„Јас сум рационална и прагматична личност, иако понекогаш покажувам повеќе емоции. Но, во меѓународната политика веќе нема рационалност. Можам да предвидам многу работи, но повеќе не можам ни да претпоставам што ќе се случи“, изјави Вучиќ.

Тој нагласи дека во овој момент не може да даде ниту приближна проценка како ќе се развива енергетската состојба во Србија, особено во контекст на неизвесноста околу снабдувањето со плин.

Во своето обраќање, српскиот претседател упати и сериозно предупредување за можно ново големо глобално судирање.

„Никој повеќе не сака да ја слуша другата страна. За година и пол ќе се соочиме со голема војна. Знам дека ќе кажат дека сум ‘кралица на драмата’, но ја предвидов и војната во Украина. Три месеци пред да започне зборував за тоа, а дури и моите најблиски соработници сметаа дека претерувам“, рече Вучиќ.

Според него, причината за ваквите предвидувања не се само политичките податоци, туку и анализата на човечкото однесување.

„Ги анализирав бројките, но уште повеќе ги анализирав човечките емоции. Денес никој повеќе не се грижи за вистината“, додаде тој.

Вучиќ нагласи и дека нема намера да одговара на нападите и критиките кои доаѓаат од регионот во врска со неговите предупредувања за можна војна, ниту на обвинувањата за негова наводна поврзаност со таканареченото „сараевско сафари“.

error: Содржината е заштитена од копирање !!