Скопје ја стартува празничната сезона: На 15 декември плоштадот „Македонија“ повторно ќе заблеска
12/12/2025 10:53
Град Скопје објави дека празничната атмосфера годинава ќе се врати на плоштадот „Македонија“, каде што со свечена програма, музички настапи и богата празнична содржина ќе биде означен почетокот на новогодишните и божиќните настани во главниот град. Отворањето е закажано за 15 декември во 18 часот, а организаторите најавуваат изненадувања за посетители од сите генерации.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ги покани граѓаните да присуствуваат на симболичното „осветлување“ на градот, истакнувајќи дека празниците се период кога Скопје повторно добива посебна топлина, радост и чувство на заедништво.
„Нашиот град е најубав кога свети од насмевки и празнична магија. Сите ја заслужуваме топлината што ја носат празниците. Затоа со огромна радост ве поканувам да го означиме почетокот на едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика и подароци, како и омилените херои што ќе ги израдуваат најмалите“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој најави и дека од 16 декември ќе следуваат секојдневни активности и празнични програми, кои ќе траат до самата новогодишна ноќ. Според градоначалникот, дочекот на 31 декември ќе биде спектакуларен и „настан што Скопје долго ќе го памети“.
Градот ги повикува сите граѓани да го проследат отворањето на празничната сезона на плоштадот „Македонија“ и да ја споделат празничната енергија на главниот град.






