MKinformer

your daily dose of news

Кои музички ѕвезди ќе ги забавуваат скопјани на плоштад „Македонија“ за дочек на 2026 година

29/12/2025 11:25

Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огњан Здравковски, Куку Леле, Лара, Пајак, Два Бона и Тина Перовска се музичарите кои на 31 декември ќе настапат на Плоштад Македонија, на централниот дочек на Новата 2026 година во Скопје.

Со оваа програма, Скопје ја започнува празничната магија, која ќе трае од 15 до 31 декември, со секојдневна програма во центарот на градот. Секоја вечер од 18 часот посетителите ќе можат да уживаат во музички настапи, диџеј сетови, уметнички изведби и бројни празнични изненадувања.

За време на викендите, од 12 до 14 часот, програмата ќе биде целосно посветена на најмладите, со анимации, креативни работилници, интерактивни активности и новогодишни содржини за деца и семејства.

Дочекот на најлудата ноќ ќе помине исклучиво со македонски изведувачи, што, според организаторите, е јасна порака за поддршка на домашната музичка сцена и создавање автентична новогодишна атмосфера.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, упати јавна покана до граѓаните да бидат дел од празничните настани во срцето на градот.

„Првпат во историјата, Скопје ќе ја дочека новата 2026 година со вистинска новогодишна зимска бајка. Настан кој ги обединува сите генерации – од најмладите до највозрасните. Скопје конечно ќе покаже дека може да биде весел, модерен и динамичен град, налик на светска метропола во срцето на Балканот“, изјави Ѓорѓиевски.

error: Содржината е заштитена од копирање !!