MKinformer

your daily dose of news

Падна владата во Бугарија: Протестите и буџетската криза ја принудија оставката на Жељазков

12/12/2025 12:42

Владата во Бугарија падна по силниот притисок од масовните протести и продлабочената буџетска криза, откако премиерот Росен Жељазков денеска официјално поднесе оставка. Одлуката следуваше по интерпелацијата поднесена од опозицијата, за која парламентот требаше да гласа, а Жељазков оставката ја најави уште пред самото гласање.

„Не се сомневаме дека гласањето за недоверба нема да биде успешно. За нас, одлуките на Националното собрание имаат смисла кога ја изразуваат волјата на суверенот. Го слушаме гласот на граѓаните кои протестираат и затоа мора да ги исполниме нивните барања – оставка на владата“, изјави Жељазков, нагласувајќи дека протестите биле насочени против, како што рече, ароганцијата и начинот на кој се спроведуваат демократските вредности.

По најавата за колективна оставка на кабинетот, парламентот формално гласаше за недоверба. Предлогот беше поддржан од 106 пратеници од ПП-ДБ, „Преродба“, „Величе“ и МЕЧ, додека пратениците од ГЕРБ, БСП и „Има таков народ“ не учествуваа во гласањето.

Само една вечер претходно, десетици илјади граѓани излегоа на улиците на Софија и други бугарски градови, протестирајќи против, како што наведоа, нелегитимната власт и ниските приходи. Демонстрантите скандираа „Оставка“ и „Мафијата надвор“, а протестите беа оценети како едни од најмасовните во последните години.

Оставката на Жељазков доаѓа и во чувствителен момент, непосредно пред планираниот влез на Бугарија во еврозоната од 1 јануари. Дел од опозицијата, но и претседателот Румен Радев, јавно се спротивставија на воведувањето на еврото и побараа референдум – иницијатива што беше одбиена.

„Бугарите се огорчени од ароганцијата и надменоста, како и од обидите на олигархијата да го дискредитира протестот на слободните луѓе. Не може да се сокрие очигледното – незадоволството е масовно“, порача претседателот Радев.

Во овој момент останува неизвесно дали Бугарија ќе оди кон нови предвремени парламентарни избори или ќе се направи обид за формирање ново парламентарно мнозинство.

error: Содржината е заштитена од копирање !!