Разбиена лихварска мрежа во Скопје: Уапсени осум лица, запленети пари, коли, дрога и нелегални коцкарници
12/12/2025 19:32
Осум лица од Скопје се лишени од слобода во раните утрински часови во обемна полициска акција насочена кон сузбивање на организиран криминал, соопштија надлежните институции.
Акцијата била реализирана од специјализираните полициски служби под раководство на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, при што истовремено биле извршени претреси на 11 различни локации низ главниот град.
При претресите биле пронајдени и одземени околу 34.510 евра, 431.000 денари и 400 американски долари, како и повеќе мобилни телефони, компјутери, лаптопи и моторни возила.
Во објектите кои биле користени за нелегални активности, полицијата открила маси за покер, чипови, карти и друга коцкарска опрема, при што дел од просториите функционирале како импровизирани играчници без дозвола.
Според првичните сознанија, групата подолг временски период се занимавала со лихварство, перење пари и нелегално приредување игри на среќа, при што остварувала значителна противправна добивка. Дополнително, биле пронајдени и растителни и прашкасти материи за кои постои сомнение дека се наркотични средства.
Запленетата документација и предмети ќе бидат предмет на натамошна анализа со цел целосно расветлување на криминалните активности. Уапсените лица се задржани во полициска станица и се процесираат согласно закон.






