Сузбиена организирана криминална група во Скопје, лишени од слобода осум лица
13/12/2025 10:11
Во координирана полициска операција што се одвивала во ноќта меѓу 11 и 12 декември 2025 година, Министерството за внатрешни работи спроведе голема акција насочена кон разбиена организирана криминална група која се сомничи за повеќе тешки кривични дела. Акцијата ја водел Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, заедно со СКК и ОСПО/ЕБР, под надзор на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Цел на операцијата била група инволвирана во „злосторничко здружување“, „лихварство“, „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „приредување игри на среќа без лиценца“.
По претходно обезбедени судски наредби, биле извршени претреси на 11 различни локации на подрачјето на Скопје. Полициските тимови привеле осум лица од главниот град, за кои постојат сомнежи дека биле дел од криминалната мрежа.
При претресите биле пронајдени и одземени 34.510 евра, 431.000 денари и 400 американски долари, како и три патнички возила, бројна ИТ-опрема, мобилни телефони и лаптопи. Дополнително, била запленета значителна количина опрема за нелегално организирање покер и други игри – маси, чипови, карти и придружни материјали.
Од терен е подигната и растителна и прашкаста материја, за која постои сомнеж дека претставува дрога, како и документација поврзана со финансиските текови и активностите на групата.
Предметот продолжува да се истражува, а сите запленети материјали се доставени на понатамошна анализа.






