Путин потпиша закон: Русија ќе национализира напуштени станови во окупираните делови на Украина
15/12/2025 22:42
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша нов закон со кој се овозможува експропријација, односно национализација на напуштени станбени имоти во деловите на Украина што се под контрола на руските сили.
Според член 21 од законот, сите станбени објекти – куќи, станови и соби – за кои ќе се утврди дека се неискористени или напуштени, ќе бидат прогласени за сопственост на самопрогласената Доњецка Народна Република или на локалните општини во таа област.
Доњецката Народна Република беше формирана во 2014 година од проруски паравоени структури во источна Украина, а подоцна незаконски анектирана од Руската Федерација, потсетува агенцијата ДПА. Слични правни решенија веќе се применуваат и во регионите Луганск, Запорожје и Херсон, кои исто така се делумно или целосно окупирани од Русија.
Со законот е предвидена и можност за подоцнежна реприватизација на одземените имоти. Тие, според најавите, би можеле да им бидат доделени на лица кои ги изгубиле своите домови како резултат на украински напади или воени дејства. Дополнително, локалните власти ќе имаат право да ги користат овие објекти како службени станови за државни функционери и администрација.
Од почетокот на руската инвазија врз Украина, милиони жители од источните делови на земјата беа принудени да избегаат поради војната, уништувањето и небезбедноста. Дел од нив подоцна се вратија, вклучително и во окупираните територии, но голем број останаа раселени во други делови на Украина или во странство.
Токму овие лица, кои често ги напуштиле своите приватни домови без можност за враќање, се најдиректно погодени од новата регулатива.



