MKinformer

your daily dose of news

(ВИДЕО)ГОВОР НА ПУТИН: Оваа криза не започна со рускиот напад врз Украина, туку е резултат на државниот удар во Украина, кој Западот го поддржа и охрабри

01/09/2025 8:54

Рускиот претседател Владимир Путин денес, на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) во кинескиот град Тјенџин, се обиде да ја оправда целосната инвазија на Украина, обвинувајќи го Западот за предизвикување на конфликтот.

„Оваа криза не започна со рускиот напад врз Украина, туку е резултат на државниот удар во Украина, кој Западот го поддржа и охрабри“, изјави Путин. Тој додаде дека една од причините за конфликтот се и „постојаните обиди на Западот да ја вовлече Украина во НАТО“.

Како започна војната?

Конфликтот во Украина започна во 2014 година со Револуцијата на достоинството, кога беше соборен прорускиот претседател Виктор Јанукович. Веднаш потоа, Русија го окупира и анектира Крим, а на истокот избувнаа вооружени судири меѓу украинските сили и проруските паравоени групи поддржани од Москва.

Иако беа потпишани Минските договори во 2014 и 2015 година, насилствата во Донбас продолжија. Ситуацијата кулминираше на 24 февруари 2022 година, кога Русија започна целосна инвазија на Украина. Руските сили нападнаа од неколку правци, вклучително и кон Киев, но беа задржани од силниот украински отпор и се повлекоа од северните региони.

Последици од војната

Војната, која трае веќе повеќе од три и пол години, опустоши огромни делови од источна и јужна Украина. Десетици илјади луѓе загинаа, милиони беа раселени, а многу градови беа уништени од руските воздушни напади. Истовремено, Украина возвраќа со удари врз воени цели на руската територија.

И покрај посредничките напори на меѓународната заедница, мировните преговори остануваат во застој, а конфликтот и понатаму ја обликува безбедносната архитектура на Европа и светот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!