MKinformer

your daily dose of news

„Супорт Кочани“ бара нови законски мерки: Задолжително лице за безбедност во угостителските објекти

20/12/2025 23:28

„Супорт Кочани“ со конкретни предлози до пратениците: Задолжително лице за безбедност и дигитален пасош за угостителските објекти

Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ поднесе предлог-иницијативи до пратениците во Собранието со цел унапредување на безбедноста во угостителските објекти низ државата. Иницијативите следуваат по одржаната анкетна комисија на 9 декември, посветена на трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Од иницијативата информираат дека предложените мерки имаат за цел системско зголемување на безбедноста, превенција од идни трагедии и јасно утврдување на одговорноста.

Доставивме предлози за кои сметаме дека значително можат да ја подобрат безбедноста на секој граѓанин. Првиот предлог е секој угостителски објект да има задолжително лице за безбедност, кое ќе биде директно одговорно за спроведување на сите пропишани мерки. Одговорноста мора да има име и презиме, наведуваат од „Супорт Кочани“.

Вториот предлог се однесува на задолжително поставување детектори и сензори за чад и пожар, кои преку интернет би биле поврзани со најблиската противпожарна станица.

Во случај на појава на чад или пожар, системот автоматски би испраќал сигнал до противпожарната служба, со што значително ќе се скрати времето за реакција и интервенција, објаснуваат од иницијативата.

Како трет клучен предлог, „Супорт Кочани“ бара воспоставување национална дигитална база на податоци за безбедноста на угостителските објекти.

Секој објект би добил дигитален пасош, преку кој јавно ќе може да се провери дали ги исполнува законските услови, какви елаборати и дозволи поседува и дали е безбеден за посетителите, додаваат од иницијативата.

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, кој се случи на 16 март и во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, започна на 19 ноември. Судскиот процес го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а сите 35 обвинети физички лица и трите правни лица се изјаснија дека не се виновни.

error: Содржината е заштитена од копирање !!