Муцунски потврди дека Македонија ја одбила понудената помош за мазут од Бугарија
24/12/2025 22:15
Министерството за надворешни работи на Македонија попладнево ја потврди информацијата што претходно беше објавена од официјална Софија, дека е остварен телефонски разговор меѓу шефовите на дипломатиите на двете земји, Тимчо Муцунски и Георг Георгиев, на кој било разговарано за актуелните предизвици со снабдувањето со мазут во земјава.
Од Министерство за надворешни работи информираат дека Муцунски ја изразил благодарноста за понудената поддршка од Бугарија, но истовремено посочил дека во овој момент нема потреба од дополнителна помош, бидејќи состојбата е стабилна.
„Министерот Муцунски ја истакна подготвеноста на Македонија да ѝ помогне на Република Бугарија, доколку таму се појави потреба од ваква или слична поддршка“, соопштија од МНР.
Разговорот се одржал еден ден по одлуката на македонската Влада за прогласување кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата, со времетраење од седум дена.
Од МНР не соопштуваат дополнителни детали за евентуални идни чекори, но нагласуваат дека состојбата внимателно се следи и дека институциите се подготвени да реагираат доколку тоа биде неопходно.






