MKinformer

your daily dose of news

Комисијата даде зелено светло за договорот со Бугарија за меѓуграничен железнички тунел

26/12/2025 13:11

Собраниската Комисија за надворешна политика и надворешна трговија денеска едногласно го усвои Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, кој се однесува на подготовката, изградбата и идното функционирање на меѓуграничен железнички тунел. Законското решение е доставено на понатамошно усвојување во Собранието.

Како што информираше Крум Ефремов, директор во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, договорот ги уредува сите технички, финансиски и организациски аспекти поврзани со реализацијата на проектот, кој има за цел директно железничко поврзување меѓу двете држави.

Според Ефремов, изградбата на тунелот ќе мора да биде целосно усогласена со стандардите и техничките спецификации на Европската унија и НАТО, особено во делот на трансевропската транспортна мрежа. Тој нагласи дека договорот отвора и позитивни политички и економски перспективи, создавајќи услови за зголемена трговска, индустриска и инфраструктурна соработка меѓу двете земји.

Со самата ратификација, како што беше посочено, се овозможува официјален почеток на активностите за реализација на проектот, како и за идното одржување и оперативно управување со граничниот премин и железничкиот тунел.

Според предложеното законско решение, тунелот ќе има вкупна должина од 2.383 метри, од кои 1.193,70 метри ќе се наоѓаат на територијата на Бугарија, а 1.189,30 метри на територијата на Северна Македонија. Со него ќе се поврзе железничката линија Софија–Перник–Радомир–Ѓуешево–границата меѓу двете држави–Крива Паланка–Бељаковци–Куманово–Скопје.

Пратеникот Антонијо Милошоски го поздрави постигнатиот договор, при што изрази благодарност за ангажманот на претставниците на Француска Република, кои, како што рече, одиграле значајна посредничка улога во процесот на негово усогласување.

Покрај овој договор, Комисијата ги усвои и Предлог-законот за ратификација на Договорот за соработка во областа на одбраната меѓу Северна Македонија и Франција во прво читање, како и Предлог-законот за ратификација на Дополнителниот протокол 7 за решавање спорови во рамки на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА).

error: Содржината е заштитена од копирање !!