Владата назначи нови амбасадори во НАТО, Бугарија, Англија
18/02/2026 10:00
Крум Ефремов, актуелен директор за економска и јавна дипломатија во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, ќе биде новиот македонски амбасадор во Бугарија, потврдува владин функционер за MK Информер. Неговото име е меѓу деветтемина дипломати кои добиле зелено светло на денешната владина седница.
Покрај Ефремов, поранешниот министер за евроинтеграции Орхан Муртезани ќе ја преземе амбасадорската позиција во НАТО. За амбасадор во Романија е именуван Габриел Атанасов, кој досега беше вработен во Министерството за надворешни работи.
Како едно од поголемите изненадувања се посочува именувањето на Илина Мангова за амбасадорка во Лондон. Таа претходно беше дел од раководството на Меѓународен републикански институт (ИРИ).
Во дипломатската мрежа има и други поместувања. На местото на Андреј Жерновски во Романија ќе замине Габриел Атанасов, додека од кабинетот на Тимчо Муцунски во Хаг се сели Линда Салиеска Иљазоска.
Според истиот извор, Владата во наредниот период треба да донесе одлуки и за конзулатите во Солун и во Хаг, со што ќе се заокружи новиот дипломатски распоред.






