MKinformer

your daily dose of news

Европскиот парламент го усвои извештајот за Македонија, останува делот за Протоколот со Бугарија

17/06/2026 16:29

Европскиот парламент денеска го усвои извештајот за Македонија за 2025 година, подготвен од известувачот Томас Вајц. Документот беше усвоен со 411 гласа „за“, 120 „против“ и 120 „воздржани“.

Во рамки на гласањето беше отфрлен и амандманот 3, предложен од Вајц, со кој се бараше бришење на ставот 73 од резолуцијата. Против бришењето гласаа 338 европратеници, додека 126 го поддржаа амандманот.

Со тоа, во резолуцијата останува референцата на Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Останува делот за историските прашања

Ставот 73 го повикува Заедничкиот мултидисциплинарен експертски комитет за историски и образовни прашања да постигне јасни и опипливи резултати.

Во текстот се наведува дека тие резултати треба да се темелат на објективни, автентични и докажани историски извори и документи, во согласност со Вториот протокол. Во резолуцијата останува и формулацијата за заедничка историја.

Уставните измени остануваат услов за следната меѓувладина конференција

Во извештајот се нагласува дека Северна Македонија треба да ги исполни преземените обврски поврзани со уставните измени.

Европратениците потсетуваат на ставот на Советот на Европската Унија дека следната меѓувладина конференција ќе може да се одржи по спроведувањето на потребните уставни промени.

Во документот се наведува дека напредокот на земјата во евроинтегративниот процес останува условен од конкретни чекори и реформи.

Усвоени извештаи и за други земји од Западен Балкан

Европскиот парламент денеска ги усвои и годишните извештаи за напредокот на Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.

Во рамките на расправата на тема „Европска иднина за Западен Балкан“, европратениците ја потврдија поддршката за европската интеграција на земјите од регионот.

Како најуспешни во процесот на пристапување се посочени Црна Гора и Албанија, додека за другите земји се нотирани предизвиците што сè уште стојат на патот кон членството.

Вајц: Македонија треба да биде следна по Црна Гора и Албанија

Известувачот за Северна Македонија, Томас Вајц, оцени дека крајната цел на Европската Унија треба да биде полноправно членство на сите шест земји од Западен Балкан.

Според него, по Црна Гора и Албанија, следна земја што треба да напредува во процесот е Македонија.

„Мора да го наградуваме напредокот во регионот за да ја одржиме мотивацијата, особено во Македонија“, изјави Вајц, нагласувајќи дека за продолжување на реформите е потребна соработка меѓу власта и опозицијата.

Забелешки за реформите, корупцијата и правосудството

Во извештајот се наведува дека, и покрај одредени позитивни чекори, реформската агенда во земјата бележи ограничен напредок.

Европратениците посочуваат дека политичкото мешање, институционалните слабости и недостигот од политичка волја продолжуваат да ја поткопуваат довербата во институциите.

Особена загриженост предизвикуваат измените на Кривичниот законик. Во извештајот се оценува дека тие создаваат перцепција на неказнивост за висока корупција.

Дополнително, се нотира и недоволниот број правосилни пресуди во случаи на корупција на високо ниво.

Предупредување за антиевропски наративи и странско влијание

Документот предупредува и на обиди за манипулација на јавниот дискурс и ширење антиевропски наративи, вклучително и преку странско влијание во медиумскиот простор.

Според европратениците, ваквите појави придонесуваат за продлабочување на поларизацијата во општеството. Ја намалуваат довербата во институциите и негативно влијаат врз европската перспектива на државата.

Критики се упатени и во делот на човековите права, состојбата на лицата со попреченост и ЛГБТИК+ заедницата, како и во областа на животната средина, каде што се нотира недоволен напредок во справувањето со загадувањето на воздухот.

Коридорот 8 и железничкиот тунел добија поддршка

Во документот се истакнува стратегиското значење на Коридорот 8 за регионалната поврзаност и економскиот развој.

Истовремено, се дава поддршка за изградбата на прекуграничниот железнички тунел меѓу Македонија и Бугарија како важен инфраструктурен проект.

Извештајот ја нагласува и потребата од целосно и доследно спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Се бара отворање на архивите на УДБА и КОС

Во ставот 71 од извештајот се изразува жалење за уништувањето и фалсификувањето бугарски натписи.

Исто така, се нагласува потребата од отворање на архивите на поранешните југословенски тајни служби УДБА и КОС, кои, според текстот, се чуваат во Македонија и Србија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!