Кисела Вода воведе контејнери за текстилен отпад пред сите месни заедници
26/12/2025 12:18
Жителите на Општина Кисела Вода добија нова можност за одговорно и правилно одлагање на текстилниот отпад, откако пред сите месни заедници беа поставени специјални контејнери наменети за употребена облека и домашен текстил.
Со оваа мерка, општината воспоставува функционален и одржлив систем за селектирање и рециклирање на текстилен отпад, реализиран во соработка со лиценцираната компанија ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО. Целта е да се овозможи безбедно и еколошки прифатливо одлагање на текстилните материјали и активно вклучување на граѓаните во заштитата на животната средина.
Од Општината најавуваат дека по новогодишните празници, поставувањето вакви контејнери ќе продолжи и во основните училишта, со што иницијативата ќе добие и изразена едукативна димензија, насочена кон развивање еколошка свест кај најмладите и создавање долгорочни одговорни навики.
Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска истакна дека воведувањето на систем за текстилен отпад претставува конкретен чекор кон современо управување со отпадот, нагласувајќи дека општината има цел да понуди практични и лесно достапни решенија што директно придонесуваат за почиста околина и повисок квалитет на живот.
Таа упати и благодарност до ЕКО-ТЕКС ГРУП за партнерскиот пристап и општествената одговорност, со кои, како што рече, се унапредуваат еколошките стандарди и се создава поздрава животна средина за сите граѓани.






