MKinformer

your daily dose of news

Обвинение против Сабахудин Рустеми и уште едно лице за загрозување на животната средина со отпад

18/12/2025 20:51

ОЈО Скопје тврди дека со сериозни пропусти во управувањето со отпад се создала опасност по здравјето на луѓето и животната средина.

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против две лица, кои се товарат дека како соизвршители сториле кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“, предвидено во член 230 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Според обвинителството, истрагата утврдила дека во текот на октомври годинава, обвинетите со сериозни пропусти во надзорот и управувањето со комуналниот отпад овозможиле состојба што можела да доведе до значително оштетување на почвата, воздухот и водата, како и до опасност по здравјето и животот на луѓето и уништување на растителниот и животинскиот свет.

Првиот обвинет, вршител на должност директор на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, Сабахудин Рустеми, според наводите во обвинението, постапувал спротивно на Статутот на претпријатието и Законот за комунални дејности. Тој не ги спроведувал одлуките на Управниот одбор, не се грижел за реализација на деловната политика и не преземал мерки за заштита на животната средина.

Како одговорно лице во јавно претпријатие, обвинетиот бил должен да обезбеди континуирано и квалитетно собирање и транспортирање на отпадот, како и одржување на опремата и објектите во функционална состојба, но тоа не било сторено, наведува обвинителството.

Вториот обвинет, управител за отпад, подгрупа 5 и давател на комунални услуги, кој поседувал уверение за положен стручен испит издаден од Министерството за животна средина и просторно планирање, заедно со директорот, според обвинението, со умисла постапувал спротивно на Законот за животна средина и Законот за управување со отпад.

Наместо да ги спроведуваат законски предвидените планови и програми за управување со комуналниот отпад на територијата на Град Скопје, обвинетите овозможиле создавање диви депонии на јавни и сообраќајни површини, каде отпадот бил одлаган во непосредна близина на садовите за собирање.

Со оглед дека истражната постапка е завршена и дека обвинетите повеќе не можат да влијаат врз доказите, јавниот обвинител предложи мерката притвор да биде заменета со мерки на претпазливост, меѓу кои забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за јавување во суд и одземање на патните исправи.

За обвинетиот управител со отпад, кој сè уште е вработен во ЈП „Комунална хигиена“, обвинителството побара и дополнителна мерка – привремена забрана за вршење работни активности поврзани со кривичното дело, односно отстранување од работното место до завршување на постапката.

error: Содржината е заштитена од копирање !!