Брутално претепан познатиот албански водител Елтон Тозај на автопатот Тирана–Драч
27/12/2025 21:51
Познатиот албански телевизиски водител Елтон Тозај бил брутално нападнат и претепан синоќа околу 19:30 часот на автопатот Тирана–Драч, под сè уште неразјаснети и вознемирувачки околности, објавија албанските медиуми.
Според информации споделени од неговото семејство преку профилите на социјалните мрежи, Тозај бил нападнат од неколку лица, кои му нанеле сериозни телесни повреди. Насилството било толку интензивно што водителот веднаш бил пренесен на болничко лекување.
Од семејството информираат дека Елтон Тозај се наоѓа во тешка здравствена состојба и е сместен на интензивна нега. Ситуацијата, како што наведуваат, е особено деликатна бидејќи постои ризик новинарот да го загуби видот, што го прави овој напад уште поалармантен и сериозен.
„Се бори за своето здравје и за видот. Состојбата е критична и бара максимално внимание од лекарите“, наведуваат членови на семејството во објавите.
Засега албанската полиција нема излезено со официјално соопштение за случајот, ниту пак се познати мотивите за нападот или дали се приведени осомничени лица. Јавноста очекува итна реакција од надлежните институции и целосно расчистување на инцидентот.
Нападот врз Елтон Тозај предизвика бројни реакции во албанската јавност и медиумска заедница, со повици за брза истрага и одговорност за сторителите.






