MKinformer

your daily dose of news

Осум пациенти со западнонилска треска хоспитализирани на Инфективна, двајца на респиратор

07/09/2026 14:36

Осум пациенти со западнонилска треска се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, информира директорот Фадил Цана.

Кај сите е потврдена невроинвазивна форма на болеста.

Двајца пациенти во тешка состојба

Од осумтемина хоспитализирани, двајца се со потешка клиничка слика.

Тие се сместени на Одделот за интензивно лекување, интубирани се и се на механичка вентилација.

Останатите пациенти се лекуваат на другите оддели на Клиниката.

Речиси сите пациенти се од Скопје

Според Цана, сите хоспитализирани пациенти се од Скопје, освен еден.

Тој е од Свети Николе и се лекува на Одделот за невроинфекции.

Потврдена и осмата жртва

Цана потврди дека во текот на викендот починал уште еден пациент.

Со тоа бројот на починати од западнонилска треска годинава се искачи на осум.

Станува збор за 70-годишен пациент кој бил примен на Клиниката на 25 август во тешка здравствена состојба.

Веднаш бил сместен на интензивно лекување, интубиран и ставен на механичка вентилација.

„За целиот овој десетдневен престој, пациентот беше во изразито тешка општа состојба и покрај целиот третман, целиот напор на одделот за интензивна нега, во текот на викендот заврши со летален исход“, изјави Цана.

Осум пациенти со западнонилска треска остануваат хоспитализирани на Инфективната клиника, а двајца од нив се во тешка состојба и се на механичка вентилација.

error: Содржината е заштитена од копирање !!