ГАК со детали за смртта на родилката: Високо ризична пациентка, со петта бременост по ред
03/03/2026 11:21
Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) ја информира јавноста за трагичниот настан во кој животот го загуби 34-годишна пациентка, породена во 38 гестациска недела.
Од Клиниката соопштуваат дека станува збор за високо ризична пациентка, кај која станувало збор за петта бременост по ред. Породувањето било завршено со царски рез, со оглед дека претходно имала три царски реза, а во конкретниот случај бил извршен и четврти царски рез.
„Операцијата поминала со уреден оперативен тек“, наведуваат од ГАК, додавајќи дека пациентката претходно била информирана за ризиците од евентуална наредна бременост.
По интервенцијата, пациентката по протокол била префрлена на Одделението за постоперативна интензивна нега. За време на престојот, во еден момент се пожалила на силна градна болка, по што веднаш бил повикан анестезиолог и започната срцево-белодробна и мозочна реанимација.
Од Клиниката информираат дека виталните параметри биле вратени, по што пациентката била пренесена на Одделението за интензивна нега и реанимација, каде што била поставена на механичка вентилација и под инвазивен и неинвазивен кардиореспираторен мониторинг.
Во третманот биле вклучени кардиолог и невролог, направени биле ЕКГ, ехо на срце, рендген на бели дробови, редовни лабораториски испитувања на секои два часа, како и контрола на ацидобазниот статус и коагулацијата во консултација со трансфузиолог.
„Биле применети сите современи лекови и дијагностички процедури. Ординирани се потребните деривати со цел стабилизирање на состојбата, но и покрај сите обиди и мултидисциплинарниот пристап, пациентката на 01.03.2026 година починала на интензивната нега“, се наведува во соопштението.
Телото е предадено на обдукција, а по пристигнувањето на патохистолошкиот наод, Клиниката ќе се произнесе за официјалната причина за смртта.
Случајот се разгледува и од страна на Комисијата за контрола на квалитет и унапредување на здравствената услуга при ГАК.
Од Клиниката изразуваат сочувство до семејството и длабоко жалење за загубата на младиот живот.





