MKinformer

your daily dose of news

Франција се налути и остро му одговори на изјавата на Руте: Европа може и мора сама да се брани

28/01/2026 17:31

Француската влада остро реагираше на изјавата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дека Европа не може да се одбрани без Соединетите Американски Држави.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро порача дека Европејците „можат и мораат“ да преземат одговорност за сопствената безбедност. Тој нагласи дека и САД се согласуваат со потребата од јакнење на европскиот столб во рамките на Алијансата, пренесува Политико.

Руте, во своето обраќање пред Европскиот парламент, изјави дека континентот не може да се одбрани без американска поддршка и отворено се спротивстави на идејата за европска војска. Според него, „европскиот столб на НАТО е донекаде празна фраза“.

Изјавите доаѓаат во чувствителен момент за трансатлантските односи, особено по враќањето на Доналд Трамп на власт. Новата Национална одбранбена стратегија на САД сигнализира помала вклученост на Вашингтон во европската безбедност и јасно посочува дека Европејците треба да преземат водечка улога, со оценка дека Европа е економски и воено способна да се брани од Русија.

На изјавата на Руте реагираа и други француски функционери. Поранешната амбасадорка на Франција при НАТО, Муриел Доменак, оцени дека потенцирањето на европската слабост испраќа погрешна и опасна порака до Москва. Француската министерка за вооружени сили, Катрин Вотран, истакна дека европскиот столб во рамките на НАТО денес е неопходност, а не опција.

Поддршка за оваа идеја веќе доаѓа и од други европски земји, меѓу кои и Германија, што укажува на сè поизразена дебата за иднината на европската безбедност и улогата на САД во неа.

error: Содржината е заштитена од копирање !!