Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте утре во Скопје
02/03/2026 15:07
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, утре пристигнува во официјална посета на земјава, каде ќе му бидат укажани највисоки државни и воени почести.
Домаќин на високата делегација ќе биде претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со која Руте ќе оствари тет-а-тет средба, по што ќе следува и проширен состанок меѓу делегацијата на Алијансата и македонската делегација.
Во рамки на посетата, генералниот секретар на НАТО ќе се сретне и со премиерот Христијан Мицкоски, како и со претседателот на Собранието Африм Гаши.
Посетата ќе кулминира со обраќање на Руте пред пратениците во Собранието, од каде се очекуваат пораки за сојузништвото, актуелните безбедносни предизвици и улогата на земјава во рамки на Алијансата.
Воениот дел од програмата ќе се реализира во касарната „Илинден“, каде генералниот секретар ќе се запознае со капацитетите на Армијата. Предвидено е негово обраќање, презентација на лесната пешадиска баталјонска група, како и разгледување на современата опрема со која располага единицата.
На настанот ќе присуствуваат министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, како и високи претставници од Министерството за одбрана и Армијата.
Посетата на првиот човек на НАТО се оценува како значаен дипломатски настан, во контекст на актуелните безбедносни случувања во регионот и пошироко.






