MKinformer

your daily dose of news

Москва: НАТО носи одлуки со опасни последици

09/07/2026 11:15

Русија со остри критики за одлуките од самитот на НАТО

Москва смета дека Алијансата ја продлабочува конфронтацијата

Русија упати остра реакција по самитот на НАТО во Турција, оценувајќи дека новите одлуки на Алијансата дополнително ги зголемуваат безбедносните ризици во Европа и пошироко. Повод за реакцијата се најавената нова воена поддршка за Украина, договорите за набавка на оружје и потврдената заложба на НАТО за колективната одбрана.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека, според Москва, Алијансата продолжува да се движи во иста насока, фокусирана на зајакнување на воените капацитети и поддршка на Киев.

„Тоа се милитаризација на европскиот континент, зајакнување на одбранбените капацитети, подготовки за вооружен конфликт со Русија и, секако, помош за Украина. Штета е што стратезите на НАТО не застанаа ни за момент и не размислија. Можеби тогаш немаше да донесат такви неодговорни одлуки што би можеле да доведат до катастрофа не само за алијансата, туку и за целиот свет“, порача Захарова, а пренесе Ројтерс.

НАТО ја потврди поддршката за Украина

На самитот, земјите-членки на Алијансата се обврзаа да обезбедат 70 милијарди евра воена помош за Украина до 2026 година. Во завршниот документ тие уште еднаш ја потврдија својата „непоколеблива посветеност“ на членот 5 од Северноатлантскиот договор, кој ја гарантира колективната одбрана на сите сојузници.

Дополнително, беа најавени договори за набавка на вооружување во вредност од најмалку 50 милијарди американски долари.

Захарова тврди дека несогласувањата во НАТО остануваат

Во својата реакција, Захарова оцени дека, и покрај пораките за единство, меѓу Вашингтон и европските партнери сè уште постојат сериозни разлики.

„Во такви околности, Американците не го кријат своето разочарување од Организацијата на Северноатлантскиот договор“, напиша таа.

Таа додаде дека според руската страна, прашањето за Гренланд не е решено во согласност со американските очекувања и дека во Вашингтон постои незадоволство поради, како што тврди, недоволната поддршка од сојузниците во одредени ситуации.

Руте: Различните ставови ја покажуваат силата на НАТО

На овие критики одговори генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој во интервју за Ројтерс оцени дека различните мислења меѓу лидерите на Алијансата се нормален дел од демократскиот процес, а не знак на слабост.

„Би му порачал на Путин: И вие треба поотворено да разговарате за работите меѓу себе“, изјави Руте.

Според него, можноста за отворена дебата меѓу сојузниците е една од најголемите предности на НАТО и јасно го разликува Алијансата од авторитарните системи.

error: Содржината е заштитена од копирање !!