Мицкоски: Обезбедени се средства за 150 електрични автобуси за Скопје
30/01/2026 15:24
Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарско прашање ги појасни плановите за набавка на најавените нови еколошки автобуси за јавниот превоз.
Мицкоски информираше дека одлуката е донесена на владина седница и дека набавката ќе се реализира во рамките на договорот „Влада со Влада“ со Унгарија. Дел од средствата ќе бидат обезбедени преку кредит под исти услови како и претходно, три години грејс период и дополнителни 12 години отплата, односно вкупно 15 години со непроменета каматна стапка.
„Градот Скопје во претходна анкета побара 250 вакви автобуси. За него ќе бидат отстапени 100 автобуси со 50 полначи“, изјави премиерот, додавајќи дека и другите општини со организиран јавен превоз ќе добијат нови возила.
Според неговите зборови, останатите општини побарале вкупно 89 автобуси, но ќе им бидат распределени 50 еколошки автобуси со 25 полначи. Со оваа мерка Владата има за цел постепено обновување на возниот парк и намалување на загадувањето, особено во урбаните средини.
Набавката на еколошки автобуси се оценува како еден од клучните чекори за унапредување на јавниот превоз, подобрување на квалитетот на воздухот и модернизација на транспортната инфраструктура во државата.






