Македонија со четворица скијачи на ЗОИ: Олимпискиот комитет со оптимизам пред олимпијадата
02/02/2026 17:22
Македонски олимписки комитет денес им посака успешни настапи на македонските скијачи кои ќе ја претставуваат земјава на Зимските олимписки игри Кортина-Милано 2026, што ќе се одржат од 6 до 22 февруари.
Македонската скијачка репрезентација во Италија ќе настапи со нова официјална опрема од брендот JOMA, специјално изработена за зимски услови и потребите на националниот тим.
На денешната прес-конференција, претседателот на МОК, Даниел Димевски, изрази особено задоволство што Македонија за првпат во историјата ќе има четворица натпреварувачи на Зимски олимписки игри – сите со остварена олимписка норма.
„Досега не се случило четири македонски натпреварувачи, и тоа сите со исполнета норма, да бидат дел од ЗОИ. Македонскиот олимписки комитет ги обезбеди сите услови за подготовка и настап, вклучувајќи и комплетна зимска опрема. Имам чувство дека можеме да оствариме добар резултат и се надевам дека нашите скијачи ќе се претстават во најдобро светло“, истакна Димевски.
Со оптимизам кон олимпискиот предизвик гледаат и самите спортисти, кои најавуваат дека ќе го дадат својот максимум на патеките во Италија, со цел остварување на што подобар пласман.
Македонија на ЗОИ Кортина–Милано 2026 ќе ја претставуваат следните спортисти:
- Ана Цветановска, која ќе настапи во нордиско скијање – спринт и интервал старт 10 километри;
- Ставре Јада, исто така во нордиско скијање, во дисциплините спринт и интервал старт 10 километри;
- Јана Атанасовска, која ќе се натпреварува во алпските дисциплини слалом и велеслалом;
- Мирко Лазарески, кој ќе настапи во слалом и велеслалом.
Настапите на македонските нордиски скијачи се закажани за 10, 12 и 13 февруари, додека Атанасовска и Лазарески ќе се натпреваруваат на 14, 15 и 18 февруари.






One thought on “Македонија со четворица скијачи на ЗОИ: Олимпискиот комитет со оптимизам пред олимпијадата”
Comments are closed.