Вечерва свечено отворање на ЗОИ Милано – Кортина 2026: Македонија со четворица спортисти на Олимпијадата
06/02/2026 10:14
Со церемонии на четири различни локации во Италија – Милано, Кортина д’Ампецо, Предацо и Ливињо – вечерва официјално започнуваат 25. Зимски олимписки игри Милано – Кортина 2026.
На Олимпијадата ќе настапат околу 2.900 спортисти од над 90 земји од светот. Македонија ќе биде претставена со четиричлен олимписки тим, составен од алпските скијачи Јана Атанасовска и Виктор Петков, како и нордиските скијачи Ставре Јада и Ана Цветановска.
Главната церемонија на свеченото отворање ќе започне вечерва во 20:00 часот на легендарниот стадион „Џузепе Меаца“ во Милано. Паралелни церемонии ќе се одржат и во другите домаќини. Во Кортина д’Ампецо македонското знаме ќе го носи Јана Атанасовска, додека на церемонијата во Предацо знаменосец ќе биде Ставре Јада.
Најмладата македонска натпреварувачка, 19-годишната Атанасовска, ќе настапи во слалом и велеслалом, дисциплини во кои кај мажите ќе се натпреварува и 26-годишниот Виктор Петков. Најискусен во македонскиот состав е 27-годишниот Ставре Јада, за кого ова ќе биде трет настап на Зимски олимписки игри. Тој ќе се натпреварува во нордиските дисциплини спринт и 10 километри интервал старт. Во истите трки, во женска конкуренција, ќе настапи и Ана Цветановска (25), на својата втора Олимпијада по Зимски олимписки игри Пекинг 2022.
Настапите на македонските нордијци се закажани за 10, 12 и 13 февруари, додека алпските дисциплини ќе се одржат на 14, 15 и 18 февруари.
Натпреварите во хокеј, уметничко лизгање и брзо лизгање ќе се одвиваат во Милано. Кортина д’Ампецо ќе биде домаќин на женските алпски дисциплини, како и на натпреварите во санкање, боб, скелетон и карлинг. Биатлонот ќе се одржи во Антхолц, додека Вал ди Фиеме ќе ги угости нордиските дисциплини. Во Ливињо ќе се одржат натпреварите во сноубординг и слободно скијање, а Бормио ќе биде центарот за машко алпско скијање и новата олимписка дисциплина – скијачко планинарење.
Зимските олимписки игри Милано – Кортина 2026 ќе завршат на 22 февруари со свечена церемонија во античката арена во Верона.
Македонија со четворица скијачи на ЗОИ: Олимпискиот комитет со оптимизам пред олимпијадата






