MKinformer

your daily dose of news

Зеленски: Во рок од една година можеме да постигнеме мир

05/02/2026 10:15

Украина е подготвена да ја заврши војната со Русија, но само доколку се зачува нејзиниот суверенитет и независност, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во ексклузивно интервју за француската телевизија Франс 2.

„Навистина верувам дека во рок од една година можеме да постигнеме мир. Тоа е мој приоритет и приоритет на целиот мој тим. Преговараме и работиме на тоа, но нема да направиме компромис што би го загрозил суверенитетот на Украина“, истакна Зеленски.

Тој обвини дека Русија продолжува со напади врз цивилната инфраструктура и користи забранети и сурови методи на војување, додека своите ултиматуми ги претставува како наводни компромиси. „Колку повеќе цивили страдаат, толку подалеку сме од вистински договор“, рече Зеленски, нагласувајќи дека дипломатскиот пат не значи капитулација.

Како „црвена линија“ тој го наведе рускиот предлог за повлекување на украинските сили од Донбас. Дури и евентуално замрзнување на фронтовската линија на сегашните позиции, според него, би било „огромна отстапка“ за Киев, но дијалогот останува отворен – исклучиво доколку се зачува независноста на земјата.

Во однос на иницијативата на францускиот претседател Емануел Макрон за продолжување на разговорите со Владимир Путин, Зеленски изрази претпазливост. Разговори се можни, рече тој, но само „под јасно дефинирани услови“. Според него, притисокот врз Москва сè уште не е доволен, а Путин моментално ги користи преговорите за политичко понижување на Европа, а не за постигнување мир.

Зеленски откри и нови податоци за човечките загуби во војната. Во изминатите четири години, Украина изгубила околу 55.000 војници, додека голем број ветерани сè уште се водат како исчезнати. Ова претставува зголемување од над 9.000 жртви во споредба со бројката што ја соопшти пред една година во интервју за американската телевизија НБЦ.

error: Содржината е заштитена од копирање !!