Без вода на Илинденска, без струја во Шуто Оризари: Технички интервенции во Скопје
13/02/2026 10:48
Дел од жителите на Скопје денеска ќе останат без вода и електрична енергија поради дефекти и планирани технички зафати.
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје информираат дека поради уличен дефект на водоводна цевка Ф-80 мм на булеварот „Илинден“, во кругот на ЈП „Паркови и зеленило“, ќе има прекин во водоснабдувањето.
Без вода ќе бидат дел од корисниците на булеварот „Илинден“, од крстосницата со улицата „Франклин Рузвелт“ до крстосницата со булеварот „8-ми Септември“ во Општина Карпош.
Водоснабдувањето е прекинато од 9:00 часот и ќе трае до завршување на интервенцијата.
Паралелно, дел од Шуто Оризари денеска ќе остане без електрична енергија поради планирани технички зафати на електродистрибутивната мрежа. Од надлежната компанија информираат дека прекинот ќе биде времен и ќе трае до завршување на работите.
Граѓаните се повикуваат навремено да се подготват и да ги следат дополнителните известувања од јавните претпријатија.



