MKinformer

your daily dose of news

Трамп до Иран: Или нуклераен договор или трауматични последици

13/02/2026 12:18

Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Иран ќе се соочи со сериозни последици доколку не се постигне договор со Соединетите Американски Држави.

„Ќе биде многу трауматично за Иран ако не се договориме“, изјави Трамп во Белата куќа, нагласувајќи дека Техеран требало да се согласи уште минатата година во рамки на преговорите за нуклеарната програма.

Трамп средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја оцени како „многу добра“, истакнувајќи дека САД и понатаму преферираат дипломатско решение наместо воена интервенција.

Израел бара поширок договор

Израел со години предупредува дека евентуален договор ограничен само на нуклеарните активности на Иран не е доволен. Тел Авив бара ограничување и на балистичкиот арсенал, како и намалување на влијанието на Техеран врз регионалните сојузнички групи.

Во рамки на американската администрација постојат различни ставови за обемот на преговорите, но Трамп засега ги задржува барањата на Вашингтон релативно нејасни. Од друга страна, Иран инсистира дека е подготвен да разговара исклучиво за нуклеарното прашање.

Зголемена воена присутност

Напнатоста дополнително ескалираше по насилното задушување на масовните протести во Иран, при што, според извештаи, загинаа илјадници демонстранти.

Како одговор, САД ја зголемија воената присутност во регионот, вклучително и со распоредување на носачот на авиони USS Abraham Lincoln. Со тоа, Вашингтон испрати сигнал дека е подготвен за секој исход доколку дипломатските напори не дадат резултат.

Развојот на настаните ќе зависи од тоа дали ќе се отвори простор за компромис или кризата ќе влезе во нова, поопасна фаза.

error: Содржината е заштитена од копирање !!