Дали САД ќе го уапси Нетанјаху? Трамп вели НЕ, Мамдани бара начин за ДА
21/07/2026 9:40
Трамп: Нетанјаху нема да биде уапсен во САД, Мамдани бара правна анализа
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нема да се соочи со апсење доколку пристигне во САД, откако новиот градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, најави дека градските правни служби разгледуваат кои се можностите според американското законодавство.
Трамп преку објава на социјалните мрежи категорично ја отфрли можноста Нетанјаху да биде приведен за време на престој во Соединетите Американски Држави.
„Бенјамин Нетанјаху нема да биде уапсен, на никаков начин, додека е во САД“, напиша Трамп.
Тој истовремено го пофали Израел за поддршката во конфликтот со Иран, нагласувајќи ја важноста на сојузништвото меѓу двете земји.
Спор околу налогот од Меѓународниот кривичен суд
Изјавите доаѓаат во услови на политичка дебата околу налогот за апсење што Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг го издаде против Нетанјаху во 2024 година.
Судот го товари израелскиот премиер за наводни воени злосторства поврзани со војната во Газа. Израел ги отфрла обвиненијата и не ја признава надлежноста на МКС, оценувајќи дека постапката е политички мотивирана.
САД и Израел не се членки на овој суд, кој е основан во 2002 година и има мандат за гонење на најтешки меѓународни злосторства, меѓу кои геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.
Мамдани: Нетанјаху треба да биде во Хаг
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, изјави дека неговата администрација проверува што дозволува законот во однос на евентуалното постапување кон Нетанјаху доколку тој го посети градот.
„Верувам дека премиерот Нетанјаху треба да биде во Хаг. Тој е воен злосторник обвинет од Меѓународниот кривичен суд“, изјави Мамдани.
Тој уште во предизборната кампања најави дека би побарал од њујоршката полиција да постапи против Нетанјаху доколку израелскиот лидер пристигне во градот.
Нетанјаху традиционално патува во Њујорк
Израелскиот премиер секоја година традиционално го посетува Њујорк во септември, кога се одржува Генералното собрание на Обединетите нации, каде што присуствуваат лидерите од целиот свет.
Од Израел реагираа на изјавите на Мамдани, повторувајќи дека го сметаат МКС за нелегитимен и дека налогот против Нетанјаху е неоснован.






