Солзи и аплаузи за „Тешкото“ на Васил Атанасов
03/05/2026 23:24
,,Васил и пријателите,, беа насловени двата концерта со кои обоистот, маестро Васил Атанасов ги одбележа неговите 5 децении богата плодна музичка кариера во Музејот на македонската борба. Овие јубилејни концерти на маестро Васил Атанасов (едниот во неговиот роден град Струмица, а другиот во Скопје), претставуваат редок и значен настан за македонската музичка сцена не сако како одбележување на личен јубилеј, туку и како сведоштво за една долга, плодна, посветена и уметнички богата кариера. Звукот на обоата на Васил е препознатлив затоа што додека се разлеваше во етерот ширеше топла, длабока емоција која ја галише душата на секој вљубеник во класичната музика. Неговата изведба не е само техничка колку само да се отствири, туку носи јасна наративна линија, секоја фраза е внимателно обликувана со силни чувства. Со тоа Атанасов не само што ја потврдува својата виртуозност, професионалност туку ја нагласува и својата улога како промотор на домашната музичка култура, како културен и музички амбасадор на Македонија насекаде во светот. Оттука може да се каже дека Васил Атанасов, скромниот човек и врвен уметник зборува низ својата музика за Македонија низ сите светски меридијани: Русија, САД,, Јужна Кореја, Виетнам, Мексико, Австралија, Италија, Германија, Франција, Шведска, Австрија, Полска, Израел, Словенија, Романија, Бугарија, Турција,, Северен Кипар, Португалија, Албанија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, од каде не ретко и се враќал со бројни престижни награди.
И да се вратиме повторно на јубилејните концерти. Репертоарот односно програмата која беше реализирана на двата концерта беше внимателно одбрана. Самиот наслов на концертот „Васил и пријателите“ кажува многу. Јубилејот го одбележа со долгогодишни пријатели, колеги, соработници со кои низ годините имал одлична соработка, пријателство и дружење. Настапија врвни уметници, како Борис Трајанов – баритон, уметник на УНЕСКО и заслужен уметник на Македонија, примадоната на МОБ Весна Ѓиновска Илкова – сопран, Александар Дојковиќ – тенор, првенец на Белградска опера, академик Драган Даутовски – фолклорни инструменти, проф. Кохар Андонијан – харфа од Бугарија, младата и талентирана пијанистка Марија Дојковиќ, како и нашите познати уметници Тодор Светиев – пијано, Томе Атанасов – обоа, пијано дуо Катерина и Глигор Гелебешеви, Дарко Багески – гитара, Влатко Митев – фолклорен тапан, Скопски дувачки квинтет, женски хор „Св. Злата Мегленска“ и Камерен оркестар „Скопски солисти“, а воден од диригентската палка на маестро Иван Еминовиќ. Поетски збор имаше познатиот писател и поет Ефтим Клетников кој во текот на неговиот говор тој гордо кажа дека
„Васил и пријателите, врвни уметници, покажаа и докажаа дека не сме „смачкано племе“, туку народ чиј дух никој не може да го убие.“
Покрај врвните настапи на сите гости-пријатели на Васил морам да ги истакнам настапите на славеникот Васил и баритонот Борис Трајанов. Ќе се запрашате – Зошто?
Затоа што маестро Васил покрај бројните композиции што ги изведе заедно со неговите гости, тој ја изведе композицијата ,,Тешкото,, во негов аражман следен од неговиот колега Влатко Митев на фолклорен тапан. А Борис Трајанов пак ја изведе композицијата ,,Кога падна на Пирина,, позната македонска песна. И двете изведби намамија големо воодушевување кај пубиката, огромен аплауз, а кај некои, силни емоции кои беа проследени со солзи на нивните лица.
И на крајот, само ќе цитрам нешто што има забележано Васка Наумова-Томовска, музички критичар и публицист која ќе запише
Музичкиот уметник, обоист проф. др. Васил Атанасов ѝ припаѓа на одбрана плејада репродуктивни уметници во македонската култура, која со својата силна уметничка дејност на концертната сцена, со моќниот говор на своите инструменти со експресивна интерпретација, но најмногу со искрениот и со љубов предаден однос кон музичката уметност, ја гради денешната музичка култура и традиција кај нас. И само ќе додадам, Големите луѓе се навистина многу скромни и тивки. Таков е и маестралниот обоист, наш а светски Васил Атанасов.
ЧЕСТИТКИ МАЕСТРО!
Пишува
Милева Лазова






