По репортажата на МК Информер затворен патот кон Теферич – се бара трајно решение за оштетувањето
24/02/2026 13:25
Патниот правец кон Теферич од денеска е целосно затворен за сообраќај, по повторен увид на терен и спроведени стручни анализи, соопшти градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
Одлуката била донесена по заеднички теренски увид со градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, и во координација со надлежните институции.
Итна мерка поради безбедност
Според информациите од локалната власт, затворањето е превентивна мерка со цел да се гарантира безбедноста на граѓаните, додека траат анализите и подготовките за трајна санација на оштетувањето.
„Интензивно се работи на изнаоѓање на најбрзото и најбезбедното техничко решение за целосно санирање на проблемот“, посочуваат од Општината.
МК Информер уште минатата недела во петокот објави репортажа за сериозното оштетување на патот кон Теферич, и побара одговор од општинските власти, но немаше одговор.
Во текот на вчерашниот ден нашата екипа повторно излезе на терен и констатираше дека земјата и понатаму се движи и дека слечиштето е драстично зголемено за само три дена, за да денес конечно Општина Кисела Вода излезе на терен и да го затворат патот за да нема несакани последици.
Во јавноста и кај граѓаните останува прашањето кое го поставивме: Со распукнувањето на асфалтот се откри и дебелината на асфалтниот слој, едвај околу 5 сантиметри, иако според стандардите треба да изнесува минимум 8 сантиметри. Разликата не е техничка ситница, туку сериозен показател за можно нестручно, некомпетентно и фалично изведување на реконструкцијата.






