MKinformer

your daily dose of news

Граѓаните лани прокоцкале 2,8 милијарди евра во коцкарници и обвожувалници

24/02/2026 18:38

Фрапантни 2,8 милијарди евра уплатиле граѓаните во текот на минатата година во казина, обложувалници и автомат-клубови, покажува анализата на емисијата „Бизнис објектив“. Податокот ја открива големината на коцкарската индустрија во земјава и нејзиното значење во финансиските текови, но истовремено отвора сериозни прашања за долгорочните економски и социјални последици.

Според експертите, коцкањето сè повеќе се претвора во масовна форма на потрошувачка која директно ги засега личните буџети на граѓаните. Тие предупредуваат дека зголеменото учество во игрите на среќа често е поврзано со раст на задолжувањето, финансиска нестабилност кај семејствата и продлабочување на сиромаштијата.

Во последните години, бројот на казина и обложувалници забрзано расте, а секторот значително се прошири и во онлајн просторот. Преку агресивни маркетинг кампањи и постојано рекламирање, индустријата привлекува нови корисници, особено меѓу младите. Паралелно со овој раст, се зголемуваат и случаите на зависност од коцкање, како и семејните и социјалните проблеми поврзани со финансиски загуби.

Иако коцкарскиот сектор обезбедува значајни приходи за државниот буџет преку даноци, концесии и лиценци, економистите укажуваат дека голем дел од средствата се пренасочуваат од продуктивна потрошувачка кон индустрија која не создава нова реална економска вредност. Наместо да се инвестираат во образование, домување или развој на локалната економија, значителни суми завршуваат во игри на среќа.

Сумата од 2,8 милијарди евра покажува дека коцкарската индустрија станува еден од најмоќните финансиски сектори во земјата, но и еден од најконтроверзните. Аналитичарите предупредуваат дека без построга регулација, едукација и заштитни механизми за граѓаните, економската корист може да биде засенета од долгорочните социјални трошоци.

error: Содржината е заштитена од копирање !!