MKinformer

your daily dose of news

Левица: ДПМНЕ ги одби сите 13 амандмани и покажа дека нема намера да ја ограничи коцкарската индустрија

27/06/2026 14:27

Левица обвини дека ДПМНЕ нема намера вистински да ја ограничи коцкарската индустрија, откако, според партијата, биле одбиени сите 13 амандмани што ги предложиле за новиот Закон за игрите на среќа.

Од партијата велат дека Владата сака јавноста да поверува дека со законот конечно ѝ застанала на патот на коцкарската индустрија. Сепак, според Левица, доколку целта навистина била ограничување на казината и обложувалниците, немало да бидат одбиени сите нивни амандмани.

Левица барала забрана за рекламирање и спонзорства

Од Левица наведуваат дека еден дел од предложените амандмани се однесувал на забрана за рекламирање и спонзорирање на коцкарските компании преку спортски клубови, федерации, медиуми, инфлуенсери и јавни личности.

Партијата барала да се забранат и бонусите, бесплатните облози, VIP-програмите и промоциите. Според нив, токму преку вакви механизми граѓаните постојано се поттикнуваат повторно да играат.

Предложиле пократко работно време и повисоки лиценци

Левица соопшти дека предложила и скратување на работното време на казината на 12 часа. Според нивниот предлог, казината и обложувалниците не требало да работат за време на државни и верски празници.

Меѓу амандманите било и тројно зголемување на цената на лиценците за казина и обложувалници. Од партијата оценуваат дека државата не треба да им овозможува на коцкарските компании да работат по, како што велат, симболични цени.

Барале поголема оддалеченост од училишта

Од Левица наведуваат дека предложиле најмногу едно казино или обложувалница на 15.000 жители.

Исто така, барале овие објекти да бидат најмалку три километри оддалечени од училишта, младински, спортски и културни установи.

Партијата предложила и целосна транспарентност на сопственоста на компаниите што приредуваат игри на среќа. Според нив, не треба да има офшор фирми и скриени сопственици.

„Падна во вода приказната дека Владата се бори против коцкарската индустрија“

Од Левица тврдат дека со одбивањето на сите 13 амандмани паднала во вода приказната дека Владата води борба против коцкарската индустрија.

„Кога дојде моментот да се гласа за мерки што навистина ќе ги погодеа профитите на казината и обложувалниците, ДПМНЕ без двоумење ги одби сите“, велат од партијата.

Според Левица, кога требало да се избира меѓу интересите на граѓаните и интересите на коцкарската индустрија, ДПМНЕ повторно застанала на страната на крупниот капитал.

Левица го нарече законот ПР-кампања

Партијата оценува дека новиот закон е, како што велат, „провидна ПР-кампања“ на ДПМНЕ.

Според Левица, законот е доволен за Владата да тврди дека го решила проблемот, но не и доволно храбар за да ги допре интересите на индустријата што остварува милионски профити.

Од партијата порачаа дека остануваат единствената парламентарна партија подготвена да влезе во судир со интересите на коцкарската индустрија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!